радоначалникот на Велес Аце Коцевски денеска на прес-конференција информира дека  во „Паркот на пријателството – Каршијака“ во Велес наскоро ќе биде поставен споменикот на Кемал Ататур, кој пет години е во Пожарната станица.

-Споменикот е висок три метри, не е излиен во бронза и е кршлив, па затоа треба да направиме поголем и помасовен  постамент од оној што сега  е помал и направен за оваа намена пред пет години – рече Коцевски.

Локалната власт уште во април годинава  ја разгледуваше можноста за конечно  поставување на споменикот кој пет години лежи во депото на Пожарната во Велес, но споменикот и по шест месеци од најавата се уште не е поставен на предвидената локација. Споменикот, кој е вреден 50 илјади евра, како и целокупната урбана опрема и турската чешма во „Паркот на пријателството Каршијака“ беше донацијаа од збратимениот град Каршијака  во Турција каде живеат голем број Турци кои порано живееле во Велешко.

Општина Велес деновиве направи два нови постаменти и ги постави бистите на народните херои Димче Мирчев  и  Благој Страчковски во Младинскиот парк. Советот на општина Велес во април годинава ја донесе одлуката за нивно поставување. Овие две  бисти претходно беа во „Паркот на хероите“ од каде на 30 август 2012 година  беа отстранети бидејќи паркот се реновираше. Потоа беше изграден „Новиот парк на пријателство Каршијака“, по што овие бисти на народни херои беа однесени во депо, на што тогаш остро реагираа од Сојузот на борци и многу граѓани.

Градоначалникот Коцевски најави дека во Младинскиот парк наскоро ќе бидат поставени и преостанатите бисти на борци од НОВ од Велес и Велешко, кои веќе шест години лежат во депото на Спомен-костурницата. Тој потенцира дека за сите нив треба да се изработат нови постаменти што многу ќе ја чини општинската каса, но дека сепак ќе изнајде средства за нивно враќање на старото место во Младинскиот парк. 

Коцевски рече дека и преостанати бисти од југословенски и македонски поети, кои порано беа поставени во дворот на Гимназијата, повторно  ќе бидат вратени  на истото место, а дел и во Младинскиот парк.

Некои од овие, како и бистите на борците од НОВ, во изминатите години беа на мета на крадците на старо железо.