Изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш се одвива со забрзано темпо и се очекува да биде завршен и пред предвидениот рок, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски за време на денешниот увид во изградбата.

– Реализацијата на работите е извршена до 83% и доколку дозволат временските услови се очекува експресниот пат да биде завршен и пред предвидениот рок. Крајниот рок за завршување на оваа делница, од клучка Штип-југ до Бучим, вредна 27,13 милиони евра, е април 2021 година – рече Спасовски.
Втората фаза од изградбата на експресниот пат опфаќа реконструкција на две под делници, од Три Чешми до Штип-југ и од Бучим до Радовиш во должина од 16.87 км и во тек се подготвителните работи на трасата. Со овие, и со интензивните работи на експресниот пат Штип-Кочани, го градиме интензивно југоисточниот дел од нашата земја и продолжуваме да ја поврзуваме нашата земја.

– Изградбата на овој експресен пат има големо влијание врз развојот на економијата и ќе придонесе за рамномерен регионален развој. Ќе се овозможи побрз транспорт на стоки, услуги, добра и луѓе. Она што е важно, експресниот пат Штип-Радовиш се надоврзува на автопатот Миладиновци-Штип и благодарение на тоа граѓаните од југоисточниот дел на нашата земја за многу пократко време ќе патуваат и ќе пристигнуваат во главниот град Скопје да ги реализираат своите зацртани планови, потреби и цели. Со мрежата од автопатното решение Штип-Радовиш, и со мрежата од експресни патишта меѓу градовите од овие региони, граѓаните побргу ќе можат да пристигнат во соседниот град да ги видат своите пријатели, роднини или да завршат некоја работа. За студентите тоа ќе значи побрза фреквенција на месечно и годишно ниво од нивниот факултет до нивното место на живеење – додаде Спаосвски.

Изведбата и завршницата на работите на оваа модерна патна мрежа, според Спасовски, во голема мерка ќе го скрати и времето за транспорт на стоки и услуги што дополнително позитивно ќе влијае за раздвижување на економската активност во овој дел на нашата земја.