Според последните информации, пожарот каj манастирот „Св. Преображение“, попознат како Манастирот на Тоше, во близина на Крушево веќе е локализиран, но уште извесно време, поради претпазливост, во месноста ќе останат дежурните екипи на војската и на цивилната заштита. Сѐ уште се активни уште неколку помали пожари во околината на Крушево, но според надлежните, ситуацијата сега е под контрола. Веќе се санираат состојбите и според првите проценки направена е голема штета, околу 30 хектари шума се изгорени.

Од Центарот за управување со кризи велат дека шумскиот пожар избувнал во саботаа, околу 11 часот и го опфатил потегот на манастирот „Св. Преображение“ кон селата Арилево и Горно Дивјаци во општина Крушево, каде горела млада високостеблеста дабова и букова шума, нискостеблеста шума, папрат и трње. Во гаснењето интервенирале екипи на ТППЕ Крушево, ЕЛС Крушево и ШС Липа од Крушево, како и два авиони на Дирекцијата за заштита и спасување. Градоначалникот на Крушево, Томе Христоски и граѓаните на социјалните мрежи апелирале за барање доброволци за гаснење на пожарот.

Дел од пожарот кај манастирот е локализиран, а дел од пожарот синоќа сѐ уште беше активен. Градоначалникот Христоски на својот Фејзбук профил напиша дека состојбата е нормализирана и ставен под контрола, а припадниците на АРМ биле на ниво од задачата.

Храмот „Св. Преображение“ е возобновен во 1986 година, а македонската поп-икона Тоше Проески лично помагаше во изградбата на овој манастир, заено со членовите на неговото семејство. Како што велеше Проески, тој во мирот на манастирот „Св. Преображение“ го наоѓа духовното спокојство.

По веста за пожарот и за опасноста да изгори и манастирот на Тоше, која за среќа веќе е минато, се огласија неговите обожаватели од регионот на социјалните мрежи, а голем број негови почитувачи од Македонија се упатија во Крушево, како доброволци за негово гаснење.

M.T.