Амбасадорот на Јапонија Хиронори Савада, денеска учествуваше на церемонија за комплетирање на ГГП-проект во Општина Прилеп, во рамките на Јапонската програма за мали грантови за основни потреби и човекова безбедност, односно ГГП. Домаќини на церемонијата беа градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески и директорот на основното училиште „Кирил и Методиј“ Бајрам Јусуфоски.

Проектот за подобрување на училишната средина во основното училиште „Кирил и Методиј“ во селото Канатларци во Општина Прилеп, овозможи училиштето да биде обновено со нови врати, прозорци, да се реконструираат училниците и да се изгради целосно нов дренажен систем, во вкупен износ од 57.365 евра.

Во текот на посетата, амбасадорот Савада имаше и куса средба со градоначалникот Јовчески, на која разговараа да ја зајакнат соработката помеѓу Амбасадата на Јапонија и Општина Прилеп. Амбасадорот Савада изразил благодарност во име на јапонскиот народ за поддршката и пријателството на граѓаните на Прилеп.

Преку проектите од програмата за мали грантови (ГГП), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 70 училишта и градинки, 57 здравствени установи и обезбедила 31 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 49 општини. Ка.М.