Фото: Зоран Антоски

Зголеменото аерозагадување и оваа зима претставува главен проблем за граѓаните на Кичево и токму затоа се прават сериозни напори што да се преземе за да се ублажи овој горлив проблем. Во оваа акција активно се вклучи и локалната самоуправа, а како прв чекор што го направи е подобрување на хигиената на градските улици и на сите локации каде што се поставени контејнери и се одлага комунален отпад.

-Свесни за проблемите што ги создава високото аерозагадување врз локалните жители, ги преземаме првите чекори за да го ублажиме овој проблем. Пред триесетина дена започнавме темелно чистење на сите сообраќајници и тротоари во градот, на сите локации каде што се поставени контејнери за собирање на комунален отпад. Најпрво на сите улици со метли се собира се што е наталожено од ѓубре и прашина, хартии и секаков вид на отпад и оваа акција ќе продолжи и во наредните месец-два се додека сметаме дека е тоа потребно. Исто така главните сообраќајници секојдневно се мијат со вода и тоа е наша приоритетна цел, бидејќи против затоплувањето на домовите не можеме многу да сториме, единствено да апелираме до граѓаните да не ставаат во ложиштата лакиран мебел, гуми или прегорено масло, бидејќи по согорувањето на овие супстанци и предмети, аерозагадувањето ќе биде уште повисоко и токсично- вели градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари.

-Свесни сме дека високото аерозагадување на голем број наши сограѓани им го загрозува здравјето и во тој поглед не постои никаква селекција. Но за барем малку да ја подобриме состојбата со амбиенталниот воздух, треба да се запрашаме, што ставаме во огнот и дали можеби и ние придонесуваме за големото аерозагадување. Нашата колективна заложба и одговорност ќе помогне да се ублажи состојбата, а како трајно решение на овој децениски проблем, според сите наши анализи е што поскоро да се доведе гасот и на тој начин целосно да се надмине овој проблем- додаде првиот човек на Кичево.

З.А.