Евроамбасадорот Самуел Жбогар со обраќање во Охрид денес го промовираше почнувањето на новата еколошка кампања „За чисто како дома исто“ која има за цел да ја подигне свеста кај граѓаните и локалните власти со помош на еко-активизам.

– Една кампања не може да апсолвира толку голем проблем и долгогодишно занемарување на прашањата кои се однесуваат на заштита на животната средина, но можеме да помогнеме да се чуе гласот на добрите луѓе кои водат грижа – изјави Жбогар.

Во врска со коментарот за Извештајот на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, кој содржеше сериозни забелешки за заштитата на Охридското Езеро и опасноста тоа да се најде на листата на загрозени подрачја, Жбогар изјави дека таквата забелешка од УНЕСКО мора да се сфати како најголем аларм. 

– Оваа кампања треба да ги разбуди сите надлежни институции да преземат итни мерки со кои ќе запре деградацијата на културното и природното наследство на Охрид. Сметам дека ќе биде голем срам за државата и граѓаните доколку Охрид го загуби статусот на заштитено светско наследство на УНЕСКО. Затоа сите треба да се обединат и да се направи се што е потребно за Охрид да остане на глобалната листа на места со значајни природни и културни вредности – изјави Жбогар.