БИТОЛА

Од пред неколку дена во Битола, комуналното јавно претпријатие „Комуналец“, ѓубрето од кантите во градот наместо рачно го собира со специјално возило на електричен погон. Новото електрично возило, кое работи на батерии, има потрошувачка од само шест денари на поминати 90 километри. ЈП „Комуналец“ набави и дополнителни машини за косење, сечење и одржување на тревните површини на електричен погон.
– Со ова возило на електричен погон наше вработено лице секојдневно ќе ги празни сите канти за отпадоци низ градот. Со едно полнење на батериите на ова возило, може да се поминат 90 километри, а за тоа полнење се потребни само шест денари. Со ваквиот начин на собирање на отпадот во градот, покрај тоа што во голема мера ќе го намалиме бројот на ангажирани вработени за собирање на отпадот, туку ќе придонесеме и за подобрување на животната средина. Наедно ќе се намалат и трошоците на работа – изјави директорот на ЈП „Комуналец“, Панде Богоевски.
Тој најави дека во ова комунално претпријатие веќе се размислува и за проширување на опфатот и набавка на уште едно или две такви возила. Покрај возилото на електричен погон, претпријатието набави и поголем број машини на електричен погон за косење трева и сечење дрвја.

– Вкупната вредност на инвестицијата е околу еден милион денари – додаде тој.
На промоцијата на возилото на електричен погон и машините присуствуваше и градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, која кажа дека набавката на електричното возило е само уште еден показател дека Општина Битола, заедно со јавните претпријатија, ги унапредува нагледните средства и сето она што го користи за работа, а е во функција на заштитата на животната средина.
– Ова е надоврзување на сѐ што сме правеле претходно во насока на заштита на животната средина, како низата зафати во институциите што се под надлежност на Општината, како санација на покриви, фасади, промена на системи за греење, субвенционирање од Општината за велосипеди, системите за греење во домовите на граѓаните. Веќе Општината ги има набавено и деновиве треба да пристигнат превозните средства на метан. Сево ова покажува дека во еден ваков интегриран систем навистина дејствувавме доста добро, во насока на заштита на животната средина. Секогаш може повеќе да се направи како додадена вредност, но генерално политиките што ги водиме покажуваат дека се движиме во насока што е препознатлива во светски стандарди од аспект на животната средина. И денес потврдуваме дека домаќинското работење на Општината и јавните претпријатија е видливо за сите граѓани – рече таа.