Кичево

Иако сѐ уште не се официјално информирани кога ќе ги отворат повторно своите угостителски објекти, повеќето сопственици на локали деновиве ги подготвуваат своите објекти за продолжување со работа. Вршат целосна дезинфекција на просторот, инвентарот и на амбалажата со која располагаат, а помал дел угостители ја искористија оваа пауза и да ги реновираат своите угостителски капацитети и во ново руво да ги дочекаат првите гости. Граѓаните, пак, како и угостителите исто така со нетрпение чекаат да почнат со работа угостителските објекти.

– За да го дочекаме целосно подготвени денот кога Владата ќе даде зелено светло за отворање на нашите угостителски објекти, вршиме темелна дезинфекција. Хигиена на највисоко ниво ќе биде нашиот одговор на идните предизвици, бидејќи опасниот вирус демне од сите страни. Покрај највисокиот степен на хигиена, за да одговориме целосно на мерките на Владата, во локалот во еден момент ќе можеме да примаме толку гости колку што пропишуваат препораките и на тој начин да го зачуваме највисокиот степен на хигиена и да исклучиме секаква можност од ширење на опасниот коронавирус, што никој од нас не го посакува. Безбедноста на сите гости, како и на персоналот, е од приоритетна важност во идниот период на работење – истакнаа сопственици на повеќе локали од Кичево.

Во еден локал ни посочија дека очекуваат угостителските објекти да почнат со работа од средината на месецот, но потсетија дека тоа во голема мера ќе зависи од бројот на заболени од ковид-19 во земјава, кој ќе се намалува, ќе стагнира или можеби ќе се зголемува.
– Наше е да го сработиме она што се бара од нас и неопходно е да понудиме беспрекорни услови, а околностите кога ќе почнеме со работа не зависат од нашата добра волја. Инаку, во нашата општина се регистрирани над 150 угостителски објекти, ресторани, кафулиња, кафетерии, пицерии, или над 800 граѓани во општината својата егзистенција ја обезбедуваат работејќи во угостителството – додаваат од друг локал во средиштето на градот.

Во оваа пауза од средината на март делумно беа активни само мал број локали и пицерии, кои приготвуваа оброци по порачки на граѓаните и притоа вршеа достава на адресата на нарачателите.