Советот на општина Тетово се комплетираше како тело на локалната самоуправа со тоа што се избраа новите состави на соодветените комисии. За првпат целата петта седница на ја водеше новиот претседател Беким Мемети кој беше избран на последниот ден од рокот на 30 март.

Претседател на статусно-правната комисија ќе биде Аднан Билали, на комисијата за финансирање и буџет Бесар Дурмиши, на комисијата за урбанизам и заштита на животната средина Живе Алексовски, на комисијата за комунални дејности Александар Велјановски, на комисијата за јавни дејности Ариф Селмани, на комисијата за награди и признанија Џулсен Нухи, на комисијата за полова рамноправност Зана Каса, на комисија за проценка на штети од елементарни непогоди Гуцим Абдулаи, додека претседател на комисијата за односи меѓу заедниците поради технички причини ќе биде избран на следната седница.

-Како дополнување на дневниот ред беше точката со која беше дадена согласност за изготвување на целосна документација за изградба на нова градинка, која на барање на Владата треба да и биде доставена до 2 мај, изјави претседателот Мемети.

На седницата беше верификуван и мандатот на новиот член на Советот, Љуљзиме Пајазити од партијата Беса, додека на местото на сегашниот претседател на Советот, Беким Мемети, советниците го изгласаа предлогот – нов член на Комисијата за мандатни прашања, избори и именувања да биде Хатиџе Цека.

А.С.