Како што времето затоплува, така и смрдеата од каналот Иванидол во Кичево се зголемува. Жителите кои живеат во непосредна близина на каналот со горчина зборуваат за овој повеќе децениски проблем, и топлиот период од годината наместо задоволство им носи многу неприлики и разочараност, поврзани токму со истиот проблем.

Многу често од сите структури во градот е дебатирано за проблемот со смрдливиот канал, но до вистинско и трајно решение на истиот засега не е дојдено.

-Годините поминуваат проблемот останува. И таман малку ќе подзаборавиме, само што ќе дојдат потоплите месеци од годината проблемот повторно и повторно се актуелизира и не потсетува на годините зад нас, кога секојдневно не фрла во очај . Со нашиот проблем се запознаени сите структури во градот, од градоначалникот до комуналното претпријатие, но засега трајно решение на смрдеата од каналот сеуште не е на повидок- вели Ацо Кочоски, граѓанин кој живее во близина на каналот.

Со сличен тон за овој проблем зборуваат и неговите соседи кои што живеат уште поблизу до овој канал од кого се шири неподносливата реа.

-Колку и да очекувавме дека од наредното лето повеќе нема да не следи овој проблем, сепак топлото време не враќа во долгогодишната реалност дека од овие смрдеи и летово нема да куртулиме. За проблемот да биде што помалку изразен, во добар дел го покривме каналот што минува пред нашите куќи, но и тоа не е доволно за трајно решавање на овој проблем- посочуваат Љупчо и Мито, жители кои живеат во близина на овој канал.

Од комуналното претпријатие на сите начини се обидуваат да го разрешат овој проблем , нивната основна цел е да се пронајдат причините за овие смрдеи, бидејќи само на тој начин трајно ќе се реши овој проблем а до кога ќе биде присутен истиот, никој со сигурност никој не може да каже.

Од ова претпријатие се сметаше дека тоалетите на локалите и продавниците во непосредна близина на водотекот, чии тоалети се вклучени директно во каналот, се една од причините за смрдеата во каналот, а се појавија и фотографии од страна на локалните жители на кои можеше да се забележи како цистерни со кои се празнат септички јами, фекалиите често се испуштаат во горниот тек од каналот, што е уште една можна, причина за постоечкиот проблем, но постои резерва околу оваа појава, бидејќи и кога нема такви случаи, смрдеата од каналот не запира. И визуелно кога ќе се погледне што тече низ каналот, јасно е дека таму најмалку има чиста вода, бидејќи и бојата е уште еден доказ дека во овој канал се има само вода не.