Сливници без решетки закана за возилата и минувачите во Кичево

Подолг период дел од сливниците на магистралниот Пат низ Кичево зјаат без решетки, кои се украдени од непознати лица и кои претставуваат постојана опасност за возилата кои во голем број секојдневно поминуваат по овој транзитен пат, но и закана за локалните жители, кои се движат по тротоарите.

Овој патен правец, од поширока важност е под надлежност на државата и таа е обврзана редовно да го сервисира и да ги санира сливниците без решетки, напоменуваат од локалната самоуправа.

-Со месеци па и години, дел од сливниците на магистралниот пат што поминува низ Кичево се без решетки, и тоа претставува постојана опасност за учесниците во сообраќајот, бидејќи може да се случи некое возило да помине низ овие отвори, загуби контрола и да се најде на тротоар, каде многу често поминуваат пешаци. Ништо помал проблем за нас кои тука често поминуваме се токму затнатите сливници, кои при врнежливо време се полнат со вода и често се случува кога возилата во голема брзина поминуваат крај полните сливници, да ве намократ до гола кожа- се жалат жителите од блиската населба, кои многу често се движат крај сливниците полни со вода, на кои неодложно треба да се стават решетки.

За да се избегнат поголеми последици, во празните сливници совесни граѓани поставуваат гранки, за да бидат видливи од далечина за возилата кои тука во голем број секојдневно поминуваат.

З.А.