Традицијата долга 26 години, во последниот викенд од месец февруари да се посети месноста Ѓурѓејца од страна на поголем број граѓани на Кичево, продолжи и годинава. Завиден број почитувачи на Илинденската епопеја, со автомобили или пеш, утрината се упатија кон ова славно место, каде што се одиграла една од најкрвавите битки во Илинденскиот период, каде што животот го положиле повеќе од 30 востаници, а голем број биле ранети и битката кај Ѓурѓејца ќе се памети како една од ретките победи од тој период против бројниот и помоќен непријател.

-Се започна пред 26 години кога ние група ентузијасти од градот, одлучивме во последниот викенд од месец февруари да ја посетиме славната Ѓурѓејца. На нашите пријатели им се допадна оваа идеја и оттогаш па се до денес во се поголем број, независно од временската ситуација престојуваме тука. Најпрво се поклонуваме пред спомен обележјето што сами го изградивме, потоа ќе испееме повеќе песни пред се револуционерни и ако дозволи времето ќе запалиме оган, ќе се стоплиме и ќе одиграме фудбалски натпревар. Иако годинава времето беше многу студено, сепак бројното присуство на Ѓурѓејца не изостана – вели Александар Кочоски, еден од зачетниците на оваа идеја.

Граѓаните на Кичево се презадоволни што помогнале на ова место да се постави спомен плоча, наместо како што доликува, тоа да го стори државата.

-Кога на почетокот на деведесетите години започнавме редовно да доаѓаме тука, ни беше по малку криво зошто на ова славно место, каде што се пролеала крв од голем број востаници нема никакво спомен обележје. Затоа со наши пари набавивме материјал, ризла и цемент а во мермерниот комбинат во Прилеп порачавме спомен плоча на која беа изгравирани буквите за тој голем настан и наскоро на наша радост спомен обележјето беше подигнато, а ние презадоволни што конечно славната Ѓурѓејца доби свое спомен обележје и не е повеќе само ледина без своја историја – вели Славе, еден од редовните посетители на Ѓурѓејца, кој не пропуштил ниту една година да не престојува на ова култно место, оддалечено од градот околу 12 километри.