Непријатна миризба од отпадот што се складира во дворот на новата претоварна станица на тетовското комунално претпријатие повторно им го отежнува секојдневното живеење на тетовци. Мирисот на изгорено се чувствува пред сѐ во вечерните часови. Веќе неколку дена се чувствува ваквата состојба.

Од јавното комунално претпријатие „Тетово“, соопштија дека дефект во системот на претоварната станица е причината отпадот да не може тековно да се обработува. Оттаму информираат дека за неколку дена од Хрватска треба да пристигне нов дел од системот што треба да биде монтиран за станицата повторно да биде функционална.
– Засега во рамките на можностите, со големи камиони сметот се носи во „Дрисла“. Сметот не се пали – велат од ЈКП „Тетово“.

Новата претоварна станица на еден километар надвор од Тетово во правец кон селото Требош требаше да биде решение за постојаното загадување на воздухот поради дивата депонија што се создаде на старото место за претовар на отпад. Сметот се собираше и компресираше за да се носи во големи камиони, кои собираат 35 кубни метри отпад.

– Оваа состојба укажува дека нема одржливо решение од страна на општината. Владата да ги преземе надлежности на општината околу менаџирање со сметот – бара Аријанит Џафери од граѓанското здружение „Еко герила“.
Комуналниот отпад веќе една деценија се собира на неколку локации, кои се нарекуваат претоварни станици на комуналното претпријатие. Потоа се изгради новата претоварна станица, која почна да работи пред една година. Дел од решението треба да биде регионалната депонија за управување и рециклирање отпад во Русино.