Силен пожар беснее во атарот на село Саса, во непосредна близина на Аризанско и Османлиско маало. Зафатен е поголем дел на сува трева, папрат и букова шума.

Пожарот како што информираат од ТППЕ во Македонска Каменица се уште е активен, но поради непристапниот терен и отежнатите услови за гаснење во вечерните часови, гаснењето е прекинато.

-До утринските часови будно ќе се следи состојбата од дежурни екипи. Во утринските часови, во зависност од потребата ќе бидат ангажирани сите расположливи средства и капацитети за гаснење на истиот – велат од каменичката противпожарна единица.

Пожарот е пријавен во 11.30 часот од месното население, при што противпожарни единици веднаш се вклучени во гаснење на истиот. Активно, на терен биле вклучени и екипа од Шумското стопанство „Голак”, како и одреден број на лица од месното население.