Со завршувањето на летото, градското комунално претпријатие од Кичево, пристапи кон чистење на коритото на градската река.Машините од вчера засилено работат и според нивните планови до средината на септември, целосно ќе биде исчистено речното корито , со што градската река ќе добие неспоредливо поубав лик.

-Од вчера започнавме со чистење на речното корито на Сушица. Го искористивме периодот кога водостојот во реката е најнизок, а тоа ќе овозможи работите да се одвиваат без застој. Инаку ова е второ чистење на речното корито, откако во раната пролет за прв пат годинава го изведовме овој зафат. Во речното корито има доста трева, големи камења што ги донела реката по пролетните интензивни  врнежи од дожд и ѓубре што го фрлаат во коритото неодговорните граѓани. Ако не се појават доплнителни проблеми, очекуваме до средината на септември да заврши овој зафат-информираат од комуналното препријатие.

Догодина според програмата на локалната самоуправа, се очекува врз речното корито да се изведе целосна реконструкција со нови пешачки и велосипедски патеки, ново осветлување и други урбани содржини, а по завршувањето на овој  проект и градот во целост ќе добие поубав изглед.

З.А.