Минатата недела започна чистењето на коритото на градската река во Кичево, а истовремено се собира ризлата што беше фрлена на градските улици за време на снежните врнежи, за да се намали лизгавоста и да се подобри безбедноста на учесниците во сообраќајот.

– Од пред минатата среда со помош на механизацијата со која располагаме го започнавме чистењето на коритото на градската река. При овој зафат се чисти талогот од песок и камен како и високата трева која во меѓувреме порасна во речното корито. Со чистењето на коритото се зголемува неговиот капацитет, бидејќи при евентуални пообилни врнежи од дожд нема да дојде до излевање на реката и се подобрува проточноста на водата. Целокупниот зафат што се одвива на должина од околу 2,5 километри очекуваме да заврши за 5-6 дена – вели Зенел Јонузи директор на ЈКП „Комуналец“ Кичево и потсети дека паралелно со овој зафат се собира ризлата од градските сообраќајници, која беше фрлена на улиците во време на снежните врнежи измешана со сол.

Додаде дека оваа операција во Кичево ќе трае подолго, бидејќи во прашање се поголем број на сообраќајници на кои било фрлена ризла, а со одстранување на истата ќе се подобри хигиената во градот.

З.А.