Крива Паланка

Градскиот стадион во Крива Паланка наскоро ќе добие нов лик со изградбата на атлетска патека, терен за мини-голф и скејт-парк на спортскиот комплекс во градот. Активностите на терен почнаа, градежните машини ја расчистуваат подлогата и се порамнува теренот за поставување атлетска патека.

– Уредувањето се реализира како дел од проектот „Подобра спортска инфраструктура, подобро здравје за сите“, финансиран од Амбасадата на Република Бугарија. Проектот е насочен кон младите од општината, ученици, спортисти и рекреативци за нивна поголема вклученост во спорт и спортско-рекреативни активности, овозможувајќи им повеќе услови за нивна реализација. Висината на инвестицијата за сите проектни активности изнесува околу 73.000 евра, со 25 отсто кофинансирање од страна на општината – велат од општината Крива Паланка.

Оттаму истакнуваат дека со проектот е предвидено да се уреди и комплетно да се промени ликот на градскиот стадион преку изградба на атлетска патека за градскиот стадион, нејзино уредување и ставање во функција по сите стандарди на Светската атлетска федерација, уредување на мини-голф терен и изградба на скејт-парк, на локацијата покрај стадионот.