Сателитски приказ на опфатот на спортско рекреативниот центар

Општина Прилеп започна со реализација на еден од најатрактивните проекти „Прилепско Езеро – нови авантури, нови можности“. Поаѓајќи од фактот дека спортско-рекреативниот комплекс е на оддалеченост од околу шест километри од градот, со изградба на планираните нови содржини се очекува тој да биде најпосетуваната локација за граѓаните на Општина Прилеп, кои ќе имаат можност да ги користат терените за спорт, рекреација, излети во природа.

Реализацијата ќе се спроведува во рок од шест месеци, а со него ќе се подобри и унапреди областа околу езерото и ќе се придонесе за промоција на ова атрактивно излетничко место за прилепчани. Потпроектот „Прилепско Езеро – нови авантури, нови можности“ е со износ од 850.000 евра. Финансиран со средства од ЕУ и сопствено учество на Општина Прилеп, а администриран од проектната канцеларија на Светска банка. Изведувач на работите на проектот е компанијата „Ленди груп ДООЕЛ“ од Скопје, а надзорот на работите ќе го врши „Диви Македонија ДОО“, исто така од Скопје.
– Во проектот е планирано да се изведат пет поединечни потпроекти: изведба на целосно осветлена велосипедска патека од потегот Маркова Чешма до селото Присад, во должина од 7,3 километри и ширина од три метри, со простор за паркинг на велосипеди, уредување пристапна улица со паркинг-простор од некогашниот мотел на вештачкото езеро. Оттаму продолжува рекреативно-излетничката зона, како дел од проектот за уредување мултимедијален простор за изведување културни и забавни манифестации, концерти и место за дружење на посетителите, со три тераси, шест летниковци и урбана опрема. Исто така, планирано е да се изградат две асфалтни спортски игралишта за кошарка, пинг-понг и за одбојка, пешачка патека во должина од 750 метри, а ќе бидат поставени и клупи и канделабри. Имплементацијата на проектот има цел да ја зголеми пристапноста на ова подрачје како зона за активен туризам и да го врати некогашниот сјај на езерото – вели проект-менаџерот Борче Јанкулоски.

Од општината објаснуваат дека откако на крајот на јануари минатата година членовите на Советот на општината го усвоиле урбанистичкиот план за КО „Дабница“, а потоа беа имплементирани сите потребни мерки и активности, потпишување на договорите со изведувачот и надзорниот орган од страна на градоначалникот Илија Јованоски, се создале условите за реализација на проектот.
На почетокот на октомври лани беше организирана јавна презентација на Планот за управување со животната средина и социјалните аспекти, за потпроектот „Прилепско Езеро – нови авантури, нови можности“. Тогаш беше презентиран списокот на активности и интервенции што се предвидени со проектот, со посебен осврт на мерките од списокот за проверка на планот за управување со животната средина и социјалните аспекти. Притоа, од проект-менаџерот Борче Јанкулоски беше посочено дека тој е изработен врз основа на националната правна рамка и политиката за заштита на животната средина и социјална политика на Светска банка.