Единствено нешто што засега не го посакуваат пензионерите во Битола е да се повторат сликите од пред осум години, кога полицијата или приватните обезбедувања мораа да ставаат ред меѓу раскараните групи пензионери, поделени по партиска припадност

Во моментот кога во Битола, се чини, завршија внатрепартиските битки за распределбата на фотелјите во државните институции, јавните претпријатија и во фирмите каде што државата го има главниот збор, деновиве во градот под Пелистер почна битката за преземање на фотелјата на првиот човек на Здружението на пензионери, на која моментно седи Томе Илиоски, инаку татко на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски.

Се добива впечаток дека настаните околу преземање на функцијата како да се пресликани од пред осум години, кога токму сегашниот прв пензионер Илиоски, со неколкумина свои поддржувачи, ја почна битката за рушење на неговиот претходник, првоборецот Гавро Пановски. Како и сега, така и тогаш, по формирањето на иницијативниот одбор за смена на Пановски, буквално се водеше беспоштедна битка за негова смена. И покрај тоа што сега веќе покојниот Гавро Пановски, како првоборец и носител на партизанска споменица од 1941 година, долго време умешно се бранеше, сепак тој не успеа да ја одбрани својата фотелја и мораше да се помири со безусловна „капитулација“.

Таквиот исход беше сосема очекуван, бидејќи Пановски важеше за човек близок до тогаш опозицискиот СДСМ, а Томе Илиоски ја имаше поддршката на ВМРО- ДПМНЕ, која со целиот свој апарат застана логистички зад него.
Сега историјата се повторува. Деновиве група пензионери, блиски до власта, побараа смена на Илиоски. Иако до крајот на неговиот втор мандат има уште нецели три месеци, сепак пензионерите, членови на иницијативниот одбор, се нестрпливи и ја почнаа битката за негова смена.

Тие тврдат дека, според статутот на Здружението на пензионери на Битола, одлуката за одржување избори мора да биде донесена најмалку во рок од 60 дена пред истекот на мандатот, кој на актуелниот претседател Илиоски му истекува во јули годинава. Но Илиоски деновиве се обидел на собрание на пензионери, кое го свикал нестатутарно, да донесе одлука за продолжување на неговиот мандат за уште речиси една година.
– Според статутот, мандатот не смее да биде подолг од четири години. Ова е надвор и од демократските принципи за одржување на изборите – велат од иницијативниот одбор, според кој, наводно, кај пензионерите постоело огромно незадоволство од раководењето на Илиоски и од начинот на кој раководел тој во изминатите два мандати.

Тие велат и дека пред одржувањето на собранието не биле свикани седници на разграноците во однос на измените на статутот што биле донесени.
Инаку, актуелниот Илиоски, кој веќе осум години е лидер на пензионерите, беше во најмала рака изненаден од барањата на членовите на иницијативниот одбор, кои, според него, побрзале со барањето за негова смена.
Тој тврди дека продолжувањето на неговиот мандат е статутарно, зашто во 2016 година имало измени и бил вметнат членот 10-а, кој го дозволува тоа. Иако тој на почетокот се обиде да го спречи присуството на членовите на иницијативниот одбор на собранието, сепак на крајот дозволи неколку члена да присуствуваат во работата на собранието, но притоа им стави до знаење дека нема да дозволи тие да учествуваат во дискусиите.

– Изборите се одржуваат на секои четири години според статутот, но во август 2016 година статутот беше променет. Во членот 10-а пишува дека поради усогласување со статутот на Сојузот на здруженијата на пензионери на Македонија, терминот за избори е предвидено да се продолжи. Ние имаме и препорака од Собранието на пензионери во Скопје да се усогласиме и изборите да се одржат од 15 декември до 15 февруари. Препораката е затоа што имаме веќе наши делегати во тамошното собрание, во извршниот одбор и во разни комисии, а нивниот мандат не е истечен – објаснува Илиоски.

Упатените во (не)приликите со пензионерите во Битола тврдат дека битката за претседателската фотелја не е заради грижата за правата на пензионерите, туку за пензионерската каса, која е постојано полна и во која во моментот, според информации на „Нова Македонија“, има околу 600.000 евра. Во Битола има над 13,5 илјади пензионери, кои месечно плаќаат по 30 денари членарина. Само една брза математика покажува дека секој месец во пензионерската каса се слеваат најмалку по 400.000 денари. Овие пари, покрај за исплата на административните трошоци, платите на вработените, како и хонорарите на раководството, најчесто се трошат за организирање екскурзии на пензионерите и за други пред сѐ спортски активности.
Но Здружението на пензионери е привлечно и за политичките партии, бидејќи кој управува со здружението може да смета на гласовите на пензионерите на изборите. Пред осум години, првоборецот Пановски не ја издржа битката за зачувување на пензионерската фотелја. Дали сега тоа ќе му појде од рака на актуелниот претседател Илиоски, останува да се види.

Познавачите на состојбите во Битола велат дека доколку не се случи нешто непредвидено, наскоро и Илиоски ќе мора да се збогува со претседателската фотелја, како што тоа го направи Пановски. Единствено нешто што засега не посакуваат пензионерите во Битола е да се повторат сликите од пред осум години, кога полицијата или приватните обезбедувања мораа да ставаат ред меѓу раскараните групи пензионери, поделени по партиска припадност.