Зимската служба на Општина Карпош распрскува емулзиска течност по дел од повисоките места (населбите Бардовци, Жданец и Трнодол). Станува збор за средство чија цел е да спречи заледување на коловозот во пресрет на најавените снежни врнежи.
Течноста се распрскува непосредно пред најавените снежни врнежи, за да се придонесе кон полесно топење на снегот по сообраќајниците и пешачките зони.
– Општина Карпош е во постојана комуникација со Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Во консултација со стручните лица од оваа институција, се преземаат превентивни активности за полесно справување со најавениот снег. Се очекуваат снежни врнежи во попладневните и вечерните часови, а поинтензивни врнежи од снег се очекуваат во текот на утрешниот ден – информираат во општината.
Намерата на локалната самоуправа е примарно да се исчистат повисоките места (населби), како и да се обезбеди безбедно движење на граѓаните по пофреквентните зони.