ВЕЛЕС

На последната седница на Советот на Општина Велес, со мнозинство гласови на советниците се донесе одлука за продажба на имот во сопственост на Општината. Станува збор за објектот во кој функционираше поранешниот хотел „Вила зора“. Во моментов тече јавната објава за продажба на објектот, објавена на веб-страницата на Општина Велес. Почетната цена е 70.575.933 денари, а на продажба се нудат 2.738 квадратни метри.
– Објектот се наоѓа на атрактивна локација на самиот влез во Велес, покрај реката Вардар. Соодветен е за станбен и деловен простор, за регионален дом за стари лица, едукативни, информатички или сервисни услуги и воопшто за секоја намена базирана на идеи што водат кон иднината. Не беше воопшто лесно да се одлучиме за продажба на овој капитален објект, но Општина Велес не е во состојба да се грижи за него ниту да го стави во функција. Во релативно добра состојба е само делот отстапен на Технолошко-техничкиот факултет, но другите простории се во несоодветна состојба. Честопати во изминатиот период објектот беше цел на крадци, кои изнесоа голем дел од инвентарот на собите, кои се доста оштетени поради прокиснувањето на покривот – информира градоначалникот Аце Коцевски.

Тој се надева дека ќе се најде купувач што ќе има креативна и иновативна идеја за објектот, кој ќе го претвори во вистински бизнис или едукативен центар или можеби регионален дом за стари лица од кој корист ќе имаат и сопственикот и жителите на Велес. Продажбата на објектот ќе се врши по пат на електронско наддавање на 29 март и на неа можат да учествуваат сите домашни и странски физички и правни лица. За сите детални информации околу продажбата заинтересираните граѓани можат да се информираат од јавната објава што е објавена на официјалната веб-страница на Општина Велес.