Целосна реконструирани повеќето градски сообраќајници

Како и претходните неколку години, и годинава во Кичево со несмален интензитет ќе продолжи инфраструктурниот бум. Така, и оваа година продолжува изградбата на патиштата до повеќето и во повеќето села во општината, а главниот акцент ќе биде ставен на градската инфраструктура, со нагласка на целосната реконструкција на улицата Борис Кидрич, една од најважните и најфреквентни сообраќајници во градот.

– Откако изминативе неколку години целосно ги реконструиравме повеќето сообраќајници во нашиот град, инфраструктурниот бум годинава ќе продолжи со доизградба на повеќе селски патишта, а во градот главниот акцент ќе биде ставен на комплетна реконструкција на една од најважните сообраќајници во Кичево, улицата Борис Кидрич. На оваа улица ќе биде поставена нова атмосферска и фекална канализација, јавното осветление ќе биде целосно променето и ќе бидат поставени нови штедливи лед-светилки. Ќе се постават нови рабници, ќe се изградат тротоари по целата должина на улицата и, она најважното, комплетно ќе биде поставен и нов слој асфалт, по што оваа улица, како и целиот град, ќе поседува современа сообраќајна мрежа без тесни грла и без проблеми во одвивањето на сообраќајот – истакна градоначалникот Фатмир Дехари.

Благодарение на неговиот ангажман, претходните шест години се реконструирани клучните сообраќајници во Кичево, од булеварот Ослободување, улиците 11 Септември, Гоце Делчев, довршена е најстарата улица во градот Маршал Тито, како и магистралниот пат, по што Кичево почна да личи на современа урбана населба со сите белези гледано од инфраструктурен аспект. Во истиот тој период градот доби пет кружни тека, најмногу во внатрешноста, а во тек е изградба на уште два кружни тека во северниот дел на градот во близината на хотелот „Арабела“, кои ќе бидат ставени во употреба до почетокот на пролетта.