Континуираното иселување на жителите од општина Македонски Брод, е причина од едни до други избори бројот на гласачи да биде се помал, а со тоа и бројот на избирачки места со повеќе од десет гласачи континуирано да се намалува. Така од 53 избирачки места колку што беа во оваа општина пред 10 години, за претстојните претседателски избори нивниот број ќе изнесува 44.

– Во нашата општина од едни до други избори се намалува бројот на избирачки места со повеќе од 10 гласачи. Така од 53 избирачки места колку што имавме пред една деценија, нивниот број денес се сведе на само 44, колку што избирачки одбори ќе ги спроведат овие избори. Најновото гасење на избирачко место е во село Волче, од каде гласачите ќе можат своето избирачко право да го остварат во село Заград. Дури во две селски населби и тоа Сушица и Тажево во моментов има по еден жител со право на глас, а тоа значи дека во овие села за наредните избори ќе немаме ниту еден гласач. Во нашата општина за овие избори на единствениот избирачки список се запишани 5099 граѓани – истакна Лена Милошеска, претседателка на ОИК за Македонски Брод.

Таа додаде дека во периодот од 26 до 29 март изведени се обуки за претседателите и замениците на избирачките одбори, што ќе бидат вклучени во овој избирачки процес, а обуката ја изведе тричлена екипа специјално подготвена за оваа операција од страна на ДИК.

Што се однесува до општина Пласница и таму обуката е завршена, единствено во двете општини преостанува да се спроведе обука за членовите на избирачките одбори. Инаку во општина Пласница на единствениот избирачки список се запишани 4596 граѓани, кои своето право на глас можат да го остварат на девет избирачки места колку што има во оваа општина.

З.А.