Кочани

Паркиралиште близу Железничката станица ќе добијат кочанчани, а од локалната самоуправа за таа намена веќе ја подготвуваат јавната површина што се наоѓа на пониско ниво од улицата Тодосија Паунов, близу станицата. Големата фреквенција на сообраќајот во овој дел од градот, секојдневно ја наметнува потребата од повеќе места за паркирање, поради што Општина Кочани и почна со уредување на оваа јавна површина пред таа да се покрие со асфалт.
– Го расчистивме теренот, кој многупати беше злоупотребуван и за фрлање отпад и го покриваме со гребан асфалт. Целта ни е да го средиме целиот потег во должина од околу 200 метри, а сообраќајот на Тодосија Паунов да се одвива нормално, без пречки од запрени или паркирани возила – вели Николчо Илијев, градоначалник на Општина Кочани.

За да се направи што повеќе корисен простор, ќе се дислоцираат и возила кај зградата на Основниот суд – Кочани, автомобили што се одземени од сопствениците по разни основи. Ослободениот простор ќе биде наменет исто така за паркирање. Привремен паркинг се подготвува и на улицата Стево Теодосиевски.
– Од старите градби на просторот во близината на Спортската сала, за уривање остануваат уште четири објекти, за чија експропријација одлучуваат надлежните органи. До реализацијата на втората сообраќајна лента, како булеварско решение до туристичката агенција „Вел-јан“, овој простор привремено ќе служи за паркирање на возилата. Ова се дел од актуелните мерки со кои Општина Кочани настојува да ги подобри сообраќајниот проток и паркирањето во централното градско подрачје – информираат од локалната самоуправа на Кочани.

За реализирање на што побезбеден сообраќај и олеснето движење на сите учесници, во тек е урбанистичката постапка за изградба на катна гаража на местото на сегашната административна зграда на „Водовод“, со капацитет од 150 до 200 возила.