Василево

Општина Василево и официјално го означи почетокот на изградба на детска градинка во селото Ангелци и фирмата изведувач веќе ги започна градежните активности. Проектираниот капацитет на градинката е 55 деца, а објектот комплетно треба да биде готов за 16 месеци. Новоизградената градинка ќе биде наменета за згрижување на дечињата од населените места Ангелци, Градашорци, Седларци и Едрениково, како и од населеното место Вељуса, кое иако не е под Општина Василево, блиску е до Ангелци и има одлична патна поврзаност. Средствата за изградба на детската градинка и комплетно внатрешно уредување изнесуваат околу 14,5 милиони денари, односно 230.000 евра.
– Во општината Василево, во населеното место Ангелци почнавме уште еден капитален проект. Овој пат од областа на детската заштита. Се работи за изградба на детска градинка со средства обезбедени преку Министерството за труд и социјална политика и Владата, за да го зголемиме опфатот на децата во детските градинки.

Наша стратегиска определба се подобри услови за живот на сите категории граѓани во сите населени места. Со изградбата на оваа детска градинка ќе им овозможиме на родителите од ова и соседните населени места сигурно катче за згрижување, престој, едукација, воспитување и социјализација на нивните деца од најмала возраст и можност да бидат растоварени за згрижувањето на нивните деца. Ќе можат слободно да им се посветат на своите работни обврски, создавајќи подобра иднина за себе и семејствата – вели Марјан Јанев, градоначалникот на општината Василево.

Јанев најави и партерно уредување на просторот околу повеќенаменското игралиште во ова населено место, за што општината има обезбедено средства во висина од 4.700.000 денари од Бирото за регионален развој и од сопствени извори на приходи. Со овие активности, смета тој, Општина Василево покажува дека продолжува да се движи по единствениот прав пат – патот на развојот и создавањето подобри услови за своите граѓани.