ДЕЛЧЕВО

Во тек се градежни работи за доизградба на дел од велосипедската патека Делчево – Илин Камен, во чии рамки се градат улици во селото Ѕвегор, како дел од патеката, во должина од 720 метри.
Увид во работите изврши градоначалникот Горан Трајковски, кој го истакна значењето на проектот што е во насока на промоција на природниот раритет Илин Камен, во непосредната близина на Ѕвегор, зголемување на потенцијалите и содржините на туризмот во Делчево, како и промоција на велосипедизмот и рекреативното пешачење.
Средствата се обезбедени од Министерството за локална самоуправа, преку Бирото за регионален развој, а во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој, проект за развој на подрачјата со специфични развојни потреби.
Висината на инвестицијата во согласност со проектираните цени е 4.999.893.25 со вклучен ДДВ. Од Бирото за рамномерен регионален развој се обезбедени 3.500.000 денари. Градежните работи ги изведува фирмата „СД транс“, како најповолен понудувач. Инвестицијата треба да биде завршена до крајот на годинава – информираат од Општина Делчево.