Реконструкцијата на објектот почна, дополнително ќе се решава за неговата намена

Битола

Офицерскиот дом, еден од архитектонските симболи на Битола, за кој битолчани со право велат дека е еден од најрепрезентативните објекти во градот под Пелистер, наскоро треба да блесне со сиот свој раскошен сјај. По подолго време, откако Општина Битола ги доби одобрението за конзервација на домот од Управата за заштита на културното наследство и градежната дозвола од Министерството за транспорт и врски, почна реконструкцијата на домот, која забрзано се изведува, како во надворешниот, така и во внатрешниот дел на домот. Деновиве во одредени делови на објектот е поставена нова дограма, а се работи и на поставување на инсталациските системи и на репарација на ѕидовите.

Во исто време, покрај тоа што се изведуваат занаетско-градежни активности, стручните екипи на јавното претпријатие „Нискоградба“ интензивно работат во надворешниот дел на Офицерскиот дом, поставувајќи нова атмосферска и фекална канализација, која ќе биде приклучена кон главната улична одводна каналска мрежа. Според директорот на ЈП „Нискоградба“, Методи Силјановски, со атмосферската канализација, покрај надворешните води од објектот, ќе бидат опфатени и атмосферските води од партерното уредување.

Паралелно со занаетско-градежните зафати, за внатрешната и надворешната реконструкција на Офицерскиот дом во Општина Битола деновиве културните работници на градот, по иницијатива на градоначалничката Наташа Петровска, водеа дебата за идната намена на домот. Сега, кога се очекува Офицерскиот дом конечно да биде реконструиран и обновен, останува да се види која ќе биде неговата намена, бидејќи претходно многубројните трибини, тркалезни маси и средби на невладините организации и здруженија не резултираа со дефинитивна одлука за тоа како ќе се користи домот. На тие јавни трибини и дебати еден од предлозите беше домот да биде резиденционален објект за градоначалникот на Битола, некои сметаат дека тој треба да биде културен центар, во кој ќе се одржуваат концерти, балови, литературни среќавања, а некои предлагаат тој да биде место каде што ќе се регистрираат младите брачни двојки во Битола.

Деновиве свои решенија за функционалната работа на Офицерскиот дом дадоа и претставниците на културните институции, стручни лица во Битола, како и граѓаните преку платформата „Урбан дијалог“. Во рамките на дебатата се одржа презентација за идејните решенија за функционалната употреба на домот. Се конкретизираа одредени намени на објектот и неговата околина, во однос на функционалноста и одржливоста, кои понатаму ќе се доработуваат и преку проектната документација и ќе бидат доставени до Светска банка и делегацијата на ЕУ.

Со цел во наредниот период, откако Офицерскиот дом ќе биде готов, да се осмисли неговата намена, по иницијатива на градоначалничката Наташа Петровска, советот на општината на последната онлајн седница донесе одлука во наредниот период да се формира општинска јавна установа, која исклучиво ќе се грижи за одржувањето и функционирањето на Офицерскиот дом и киното „Манаки“, кое исто така наскоро треба да биде комплетно изградено.

Инаку, за реконструкција на Офицерскиот дом, Општина Битола покрај со свои средства, аплицираше до ИПА 2-фондот на Европската Унија за добивање грант и, од проектот насловен „Зголемена туристичка понуда на пелагонискиот регион преку реставрирање и адаптирање на Офицерскиот дом“, доби 71 милион денари. Претходно и Владата вети дека ќе издвои десет милиони денари за реконструкција на домот, а исто толку пари предвиде во својот буџет и Општина Битола.

Темелната реконструкција на Офицерскиот дом во голема мера ги (из)радува битолчани, бидејќи овој импозантен објект, со раскошна архитектура, со години беше оставен на забот на времето, да пропаѓа, и беше повод за остри меѓупартиски пресметки на власта и опозицијата. Иако претходната локална самоуправа од Министерството за одбрана по секоја цена бараше да го добие Офицерскиот дом во своја сопственост, подоцна гледаше на секој начин да се ослободи од него, па во еден момент ѝ го врати на Владата, која за мандатот на Никола Груевски го понуди домот на продажба, по што во Битола се одржаа голем број протести против неговото отуѓување.

Долго време пред почетокот на реконструктивните зафати домот буквално пропаѓаше и беше собиралиште на наркомани и бездомници, кои оттаму украдоа сѐ што можеше да се украде. Беше украден дури и кристалниот лустер, кој ја красеше централната сала, каде што се одржуваа познатите конзулски балови во Битола, по кои тој беше препознатлив.

Инаку, според битолските хроничари, темелите на Офицерскиот дом во Битола се поставени во 1909 година, од страна на Абдул Керим-паша, кој беше ктитор на објектот. Домот, кој се наоѓа на Широк сокак, го проектирале австриски и италијански архитекти, а го граделе најпознатите мајстори од Смилево.