Новаци

Деновиве градежни екипи интензивно работат на асфалтирање локални патишта и улици на територијата на општината Новаци. Асфалтирањето се одвива во 17 населени места. Вкупната вредност на овие градежни работи изнесува 11 милиони денари, а средствата се обезбедени од буџетот на Општина Новаци. Надлежните велат дека активностите што сега се реализираат на терен се во согласност со програмата што е донесена од советот за тековната 2020 година.

– Кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот не ги попречи градежните активности во општината Новаци. Напротив, продолжуваме со забрзана динамика, почитувајќи ги мерките за заштита, а со тоа директно ѝ помагаме на економијата во овој многу важен период. Почнавме со асфалтирање локални улици и патишта во 17 населени места во општината Новаци, со вредност на инвестицијата од 11 милиони денари, средства обезбедени од буџетот на Општина Новаци за 2020 година. Остануваме силно посветени во успешното спроведување на долгорочната стратегија за изградба на квалитетна инфраструктура што ќе остане и за идните генерации – вели градоначалникот Љубе Кузманоски.

Тој посочува дека Општина Новаци е подготвена со проекти да аплицира за обезбедување средства од домашни и странски фондови и со програми за нивна имплементација. Очекува оваа година реализирање на многу веќе подготвени проекти што се од големо значење и интерес за граѓаните на општината Новаци.