Лекарите и медицинските сестри од службата за Итна медицинска помош во Гостивар
забележале рекордни 120 интервенции во една смена. Претежно се кај луѓе со
здравствени тегоби најчесто предизвикани од топлото време, како и од наглите промени во временските услови.

– Службата на Итната медицинска помош има полни раце работа. Прегледуваме над 100 пациенти во текот на една ноќ и во деновите од викендот. Најпогодени се хроничните болни, стари и деца или луѓе со намален имунитет. Се жалат на омалаксаност, повраќање, главоболки и слично – изјави д-р Лирим Беќири.

Лекарите советуваат граѓаните да бидат одговорни кон своето здравје и да ги послушаат препораките за правилна исхрана, доволно течности и слично.

– Најдобро е да не се излегува од 11 до 17 часот, како превентива од добивање тегоби. Ако имаат потреба, да бидат заштитени со лесна облека, капи и да носат вода со себе – рече докторот од гостиварската Итна помош.

Променливото време какво што владее деновиве значи дополнителен ризик за оние кои страдаат од висок крвен притисок и срцеви заболувања. Лекарите предупредуваат дека тие лица треба да бидат посебно дисциплинирани во однос на препораките и редовно да ја земаат својата терапија. А.С.