Познатиот чешки шампион во спортско качување, Адам Ондра, беше во посета на македонското древно светилиште, Бигорскиот манастир и на манастирот „Свети Ѓеорѓиј Победоносец“ во село Рајчица.

Адам (25), кој е роден во Брно, неколку години е дел од чешката спортско-качувачка репрезентација и омилен спортски лик не само во својата земја, туку и низ целиот свет. Според експертите во оваа област, Адам е најдобриот и досега најнаградуван спортски качувач, но и единствениот кој успеа истовремено да ги освои Светските купови и шампионати во различни „climbing“ категории.

Адам Ондра моментно ја реализира својата повеќемесечна „Balkan climbing“ турнеја, која опфаќа посета и споделување искуства низ неколку спортско-качувачки локалитети во повеќе земји, како Романија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Грција и секако Македонија.

-Во консултација со неговиот домаќин, претседателот на Спорстко-качувачката федерација на Македонија, Владимир Трповски, Адам во нашата земја ги избра за качување најсложените насоки во прекрасниот и инспиративен мавровски крај. Својот единствен ден за одмор Ондра го искористи за да ги посети Бигорскиот и манастирот во Рајчица, од чија мисија и активност беше особено воодушевен, па трогнат од топлото гостопримство на кое наиде, заедно со својата екипа, го поминаа буквално целиот ден во дружба со монасите- велат од Бигорскиот манастир.

Адам, кој во светот важи за многу популарен и крајно посветен на големите предизвици што ги нуди оваа атрактивна спортска дисциплина, посочуваат од манастирот, во суштина е едноставен, скромен и позитивен човек и не пропуштил со монасите да ги сподели и своите интересни искуства и впечатоци, како и идни професионални предизвици.

Она што е особено интересно е тоа дека од оваа негова rock-climbing турнеја ќе произлезат и документарни записи во неколку продолженија, а голем дел од кадрите се снимани токму во Бигорскиот и во манастирот во Рајчица.