Калдрма која ја снемува од улиците, дотраени куќи пред распаѓање, многу смет. Ваква е сликата од населбите во стариот дел од Тетово кој наместо да биде
препознатлив белег градот, сега инфраструктурно и комунално наликува само на
еден запоставен дел.

Калдрма имало долж улиците во населбите Колтук, Два Бреста, Певчина и Поток. Главната улица „Гоце Делчев“ која се протега во должина од повеќе од еден километар најмногу изгуби од калдрмата наместо која се поставени бекатон плочки. Големи делови од улицата долго време стојат оштетени или воопшто без плочки, па се создале дупки кои го отежнуваат движењето на пешаците и возилата. Калдрамата се уште ја има на помалите улици кои се приклучуваат кон „Гоце Делчев“, но поради спецификата се изместуваат од своите лежишта.

Граѓаните велат дека со години нема интервенции од надлежните. Тие самите се обидуваат да ги подредат, но се свесни дека тоа не е соодветно направено и подложно на понатамошно оштетување.

– Кога има дождови, се полнат со вода дупките, па тешко е за поминување за
пешаците. Возилата често трпат дефекти. Треба да направи оваа улица како главна
но и голем другите помали. Во општината може треба да размислат да се постави
асфалт барем на главната улица. Ваква не ја бидува – велат револтираните жители.

Повеќе пати од општина Тетово на новинарските прашања стигнува одговор дека ќе се реконструира улицата „Гоце Делчев“.

– Реконструкцијата на патната мрежа во Тетово се врши според одреден план и
програма, и како што може да видиме од работите на терен, приоритет им беше
даден на главните улици во градот кои се важни за социоекономскиот развој. Од
друга страна, тоа не значи дека во тој план не влегуваат и помалите улици, во
случајов, улица „Гоце Делчев“ за која во процедура е изнаоѓање на договор со
Македонија Пат за реконструкција, по што би започнале и работите 
на терен некаде на почетокот на идната година – се вели во одговорот на
вработените од општината задолжени за комуникација со медиумите.

Стариот дел на Тетово најмногу се соочува со недостиг на вода, со оглед дека населбите гравитираат кон ридот Балтепе, на повисоко од останатите градски населби. Тесните улици карактеристика за едно време, сега претставуваат опасност за движењето на возилата на пожарната и брзата помош поради паркирани автомобили.

Освен инфраструктурните проблеми, мештаните се жалат и на комуналната хигиена односно собирањето смет.

– Сметот потешко се собира. Станува збор за улици кои се тесни, па тешко оди
движењето со камион. Особено во зима кога не може да се искачи камион до
погорните улици – велат луѓето од овие места во Тетово.

Во овој дел од градот постојат куќи стари и еден век, со препознатлива народна
архитектура. Некои од нив поради нерасчистени имотни односи се оставени и
запустени, па имало случаи на нивно рушење. А.С.