Фото: Зоран Антоски

Цветната розевина која последните неколку дена е присутна на улицата Маршал Тито во Кичево, плени со својата убавина и автентичност. Нема граѓанин кој поминува по оваа улица а да не се загледа во преубавите цветови на ова растение од далечниот исток.

Но, ако постарите ги набљудуваа расцветаните цреши и се сладат од нивните цветови, помладите  задолжително се фотографираат или прават самослик, како потсетување на оваа единствена убавина, која во текот на пролетта ја краси оваа улица и градот. Се чини како цветната розевина да го прегрнала и црковниот храм „Свети Петар и Павле“, за што најдобра потврда се и овие фотографии.

– Последните десетина години со  големо нетрпение го чекаме вториот дел на месец април, кога на главната улица во нашиот град цветаат јапонските цреши, во чија убавина и раскош секојдневно уживаме и со посебно задоволство  ги завршуваме утринските прошетки, импресионирани од неповторливата убавина на овие растенија. По малку сме несреќни кога ќе започнат цветовите да паѓаат и на нивно место да се појавуваат зелените лисја. И така секоја година и секоја пролет, ја поминуваме  во исчекување  на цветањето на преубавите цреши по потекло од „земјата на изгрејсонцето“ –  воодушевено истакнуваат Коле, Драган и Перо, жители од најблиската населба Подварош.