Во посета на општина Битола денес престојуваше висока делегација од САД и Амбасадата на САД во нашата земја, предводена од Филип Рикер, вршител на должност помошник-државен секретар на САД за Европа и Евроазија.

Како што информираат од oпштина Битола, на средбата во кабинетот на градоначалничката Наташа Петровска присуствувале и амбасадорката на САД, Кејт Мери Брнс, специјалниот асистент на амбасадорот Рикер, Лахлин Сопер, како и шефот од политичко-економскиот оддел, Шенон Рунион.

Рикер изразил задоволство што повторно има можност да ја посети Битола и да ја претстави новата амбасадорка на САД.

На средбата со градоначалничката на Битола се разговарало за актуелната состојба во градот и државата.

– Битола е градот кој има стратешка позиција и во економскиот и во политичкиот живот во земјава – истакнал Рикер.

Петровска ги посочила заложбите за натамошна соработка и се заблагодарила за поддршката која, како што рекла, Битола секогаш ја добива од страна на САД.

Филип Рикер во текот на утрешниот ден ќе се сретне со државниот врв и претставниците од политичките партии во земјава.