Општина Прилеп започна со реализација на проектот за реконструкција на цевковод со главен довод на вода од извориште во местото викано „Пашоски ливади“ до собирна шахта во КО Прилеп. Градоначалникот на Општина Прилеп Борче Јовчески изврши увид на самото место запознавајќи се со текот на градежните активности за реализацијата на проектот.

Реконструкцијата на доводниот цевковод од изворот викан „Пашоски Ливади“ во близина на село Оревоец е во вкупна должина од 3850 метри. Како најповолен изведувач за извршување на градежните работи избрана е фирмата Маркоски К – 73 од Струга. Предвидено е реконструкцијата на цевководот за водоснабдување да се одвива во две фази, од кои во првата би се реконструирале 3.045 метри.

– Со реконструктивниот зафат ќе биде заменет стариот дотраен челичен цевковод со
дијаметар Ф300 мм со нови дуктилни цевки со дијаметар Ф300 мм од светски познатиот
произведувач „Понтамусон“ со што ќе се овозможи зголемен проток на вода од 25 литри во секунда – велат од општина Прилеп.

Цевководот е изграден во 50-те години од минатиот век и поради оштетувањата кои ги претпрел намалено е снабдувањето со вода на потенцијалните корисниците и затоа ќе се реализира проектот, кој значително ќе придонесе во решавање на долгогодишните проблеми и ќе обезбеди континуирана екплоатација на вода до крајните корисници во текот на целата година. Со тоа ќе се надминат проблемите со водоснабдувањето на локалното население.

Средствата за имплементација на овој проект се обезбедени од ТАВ програмата. Ка.М.