БИТОЛА

Деновиве почнаа реконструктивните зафати во урбаната заедница Кочо Десано во Битола. Во тек е целосна реконструкција на објектот на урбаната заедница Кочо Десано, како дел од програмата на локалната самоуправа за функционални месни и урбани заедници, со која се враќа нивната моќ, преку опремување со технички услови и зајакнување на нивниот правен статус.
Во објектот комплетно е променета водоводната и канализациската мрежа, како и електричната инсталација. Во моментот се врши поправка на сите оштетени делови на објектот, комплетна промена на дограмата, покривната конструкција и уредување на фасадата. Вредноста на реконструкцијата на објектот изнесува 928 илјади денари.
Општинарите велат дека по реконструкцијата на објектот ќе следува комплетно партерно уредување на просторот, кое ќе опфаќа изградба на нова ограда, терен за кошарка, клупи, табли за шах и дел наменет за најмладите, со детски реквизити. Жителите на овој дел од градот, задоволни од тоа што се реконструира нивната урбана заедница, велат дека со заокружувањето и целосното уредување на објектот, како и дворната површина, ќе се овозможи ново катче за рекреација не само на младите туку и на сите генерации.