Заврши реконструкцијата на покривот на Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово. Набавени се нови машини за перење и сушење, а реконструирани се постоечки пет тоалети, информираа денеска од јавната општинска установа која нуди згрижување на стари и изнемоштени лица, а пренесе МИА.

-Инвестицијата од 1,5 милиони денари ја наменивме за реконструкција на 550 метри квадратни кровна конструкција. Реконструирани се и пет купатила, кои сега се прилагодени за потребите на старите лица, изјави, директорот на установата, Дејан Стојановски.

За набавката на четирите апарати за перење и сушење, установата од својот буџет издвоила 1,7 милиони денари.

Посочи дека изминатата година ја завршиле успешно, ја реновирале кујната со сите потребни елементи. Во установата услугите ги користат 170 лица од Куманово и останатите градови и од државата. Објектот е изграден 1978 година, но е во солидна состојба.