По однос на објавениот текст на порталот на „Нова Македонија“ под наслов „Два милиони денари помош за здруженијата на граѓани и спортските клубови во Битола“, општина Битола информира дека при неговото пишување, не е побарана дополнителна информација од општината околу објавениот јавен повик и изнесени се одредени неправилности:
1. Јавниот повик не е помош, туку редовна активност која што произлегува од програмата на општина Битола за 2020 година и е содржана во буџетот на општина Битола за 2020 година, донесен во декември 2019 година.
2. Објавувањето на јавниот повик е редовна постапка која се спроведува секоја година, речиси во ист период.
3. Дополнително, невладините организации согласно нивните програми за работа, ги очекуваат средствата, бидејќи истите им се потребни за реализација на предвидените активности.
4. Она што е најважно, уште пред објавувањето на јавниот повик, согласно оперативниот план на спроведување на истиот во овие околности, беше договорено, финансиските средства по јавниот повик, комисијата да ги додели по завршувањето на изборите.