ОХРИД

Се известуваат жителите и туристите што престојуваат во Охрид дека од 1 јули се ставени во функција рампите за влез и излез во стариот дел на градот, информираат во Општината.
Моторните возила ќе може непречено да сообраќаат само доколку поседуваат картичка за движење во овој дел од градот. Оваа мерка е дел од утврдениот режим на сообраќај за старото градско подрачје и правилникот за издавање на картички за движење на моторни возила. Постојните картички за кои не е извршена навремена пререгистрација во согласност со повикот на општината, кој беше објавен на 20 мај, ќе бидат поништени и неважечки – велат оттаму.
Функционирањето на рампите ќе биде регулирано со 24- часовно физичко обезбедување и ќе биде под постојан видеонадзор.
Се упатува известување до сите правни лица што сообраќаат во стариот дел на градот дека дотурот на стока ќе може да се врши само преку влезот кај Горна Порта во утринските часови, во периодот од 5 до 10 часот. За такси-компаниите што вршат такси-превоз нема да бидат издавани посебни картички и такси-возилата ќе бидат пропуштани во стариот дел на градот исклучиво само од влезот кај Горна Порта. Се известуваат сопствениците на сместувачките капацитети дека гостите ќе може да влезат со своите возила во стариот дел на градот само за да извршат истовар на патници и багаж. Доколку возилата бидат непрописно паркирани, ќе бидат отстранети со асистенција на пајак-службата – велат во Општината.