БИТОЛА

Деновиве, со проекцијата на документарниот филм „Манаки – приказна во слики“, на Роберт Јанкулоски, во Битола свечено беше пуштено во употреба новото кино „Манаки“, кое се наоѓа во самиот центар на Битола, на Широк сокак.

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, истакна дека овој значаен датум за градот се одбележува скромно, поради ковид-мерките и актуелните околности.
Настанот го одбележуваме искрено, со длабока љубов. Означуваме почеток на нешто во кое ќе имаме можност за нови проекции, кои ќе зборуваат за низа моменти што се случувале во изминатите сто години во кои дишел овој град, ќе зборуваме и за сегашниот момент и за оние што следуваат, затоа што Битола отсекогаш била и засекогаш ќе биде лулка на културата, град во кој се случуваат низа културни настани, а дел од нив ќе биде и во ова катче кое што го направивме. Како локална самоуправа, вложивме 300.000 евра за да имаме технички современо опремен и адаптиран простор, кој ќе ги следи современите текови и ќе биде можност да се гледаат сведоштвата на она што се случува во нашиот град. Она што како градоначалничка го посакувам е што побрзо да заврши пандемија, за секојдневно да се случуваат културни настани, кои заедно со новата културна институција, но и со другите културни институции во градот, ќе овозможат културно да живееме и опстојуваме во следниот период – истакна градоначалничката Наташа Петровска пред проекцијата на филмот „,Манаки – приказна во слики“.
Директорката на КИЦ-Битола, Сандра Котевска, осврнувајќи се на делата на браќата Јанаки и Милтон Манаки, истакна дека по првата кинопроекција, две години подоцна, браќата ја изградиле првата наменска киносала, која, за жал, постоела до 1939 година, кога е уништена од пожар.

Денес, во нивна чест, за да се зачуваат од заборав нивното име и дела, исклучително значајни за градот Битола, но и за целиот Балкан, ја одбележуваме таа прва проекција, од која поминало точно еден век. Општина Битола преку проектот „Кинокултура“, финансиран преку ИНТЕРЕГ ИПА-програмата за прекугранична соработка помеѓу Грција и Македонија, оваа реконструирана киносала ја ревитализира и целосно ја опреми со најсовремени техничко-технолошки перформанси од највисоко ниво – рече Котевска.

Со ова, градот Битола доби уште еден културен објект, кој претставува симбол за непроценливата важност за воспоставување, одржување и афирмација на културниот континуитет од минатото до денес – како најфундаментална инвестиција за иднината.