ОХРИД

Градоначалникот Константин Георгиески и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на пригоден настан официјално ја пуштија во употреба комплетно реконструираната улица Абас Емин. Тие им честитаа на граѓаните на Охрид и на сите оние што биле вклучени и придонеле во реализацијата на големиот инфраструктурен проект за комплетна реконструкција на улицата Абас Емин.
Им благодарам за трпението, за соработката и за поддршката, како наш најголем мотив за успешно да стигнеме до денешниот ден. Оваа улица со децении беше предмет за потсмев, лоша слика за Охрид и најголем проблем за жителите што живеат во овој дел на градот. Сите добро се сеќаваме дека реконструкцијата на оваа улица беше ветувана и споменувана од сите мои претходници и локални власти, но никој не успеа да се зафати и да го реализира сложениот проект, на кој граѓаните чекаа повеќе од 30 години. Но јас, мојот тим и големата поддршка на Министерството за транспорт и врски покажавме дека сме подготвени да се соочиме со предизвиците, дека имаме волја за решавање проблеми и дека поседуваме капацитет за реализирање вакви крупни проекти – истакна градоначалникот Георгиески.
Должината на улицата е 1.100 метри, а вкупната вредност на инвестиција е околу 40 милиони денари. Градежните работи за реконструкција на улицата започна во јуни 2020 година и се одвиваа интензивно околу 13 месеци.

– Градежните активности од проектот за реконструкција ги започнавме во еден кризен период, исполнет со многу неизвесност, поради светската пандемија, но и покрај сите проблематични моменти, овозможивме континуирана работа на терен. Од денеска, Охрид и охриѓани добиваат современа и безбедна сообраќајница, а жителите од овој дел на градот подобри комунални услови – потенцира градоначалникот Георгиески.
Проектот за реконструкција на улицата Абас Емин се одвиваше во два дела. Во рамките на првиот дел од проектот беше извршено поставување на нови главни линии од фекалната, атмосферската и водоводната мрежа. Се вршеше ископ во длабочина од три и пол метри и ширина од два метра, а од страна на општинските јавни претпријатија беше извршено поединечно повторно приклучување на сите домаќинства од улицата. Реконструкцијата на целокупната подземна инфраструктура се реализира со поддршка на Министерството за транспорт и врски и со средства од Eвропската инвестициска банка (ЕИБ).
Градежните активности во рамките на вториот дел од проектот, опфатија комплетна обнова на коловозната лента, со висококвалитетно тампонирање на подлогата и поставување два слоја асфалт. Реконструирани се пешачките патеки од двете страни на улицата, извршено е нивелирање на шахтите и поставена е нова сообраќајна сигнализација. Овие активности се реализираа со средства од буџетот на Општина Охрид.