Во ски-центарот Попова Шапка денеска беше пуштена во употреба новата шестоседа жичница со капацитет од 2.400 скијачи на час.

На настанот присуствуваше претседателот на Владата, Оливер Спасовски, придружуван од потпретседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците – Садула Дураки, министерот за економија – Крешник Бектеши, министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија – Хисен Џемаили, генералниот директор на АД ЕСМ – Васко Ковачевски и управителот на „ЕЛЕМ турс“ – Џемаиљ Јусуфи.
Спасовски наведе дека освен новата жичница, Попова Шапка ќе добие и три километри нови скијачки патеки, кои дополнително ќе ја збогатат понудата на ова зимско одморалиште.

– Попова Шапка е еден од најдобрите капацитети со најголеми можности. Центар што би требало да биде знаменосец во развојот на туризмот во Република Северна Македонија и во тој правец треба да се заложиме сите, и Владата и локалната самоуправа – истакна премиерот Спасовски.
Исто така, Спасовски соопшти дека се преземаат чекори за ревитализација и се изготвуваат анализи како и во која насока треба да се развива овој туристички центар.

Министерот за економија, Крешник Бектеши, истакна дека ова е една од најважните инвестиции на АД ЕСМ и на Владата.

– Ние во последните две и пол години покажавме дека се грижиме за Попова Шапка. Освен оваа инвестиција што денеска ја пуштаме во употреба, треба да ја напоменам важноста на реконструкцијата на патот Тетово-Попова Шапка што им олеснува на туристите и граѓаните да ја посетат оваа туристичка дестинација. Ние како Министерство за економија гледајќи ги статистичките бројки може да кажеме дека сме во вистинска насока за привлекување странски и домашни туристи. Бројките покажуваат дека имаме раст од над осум отсто споредено со 2018 година – наведе министерот Бектеши.