Во Делчево започна уредувањето на површината од стариот градски пазар. Просторот во центарот на градот, кој досега личеше на депонија, ќе добие нов лик. Екипи на ЈКП „Брегалница“ интензивно работат на партерно уредување на површина од 220 квадратни метри.

– Со механизација и рачно се раскопуваат стариот бетон и плочките, кои беа доста оштетени, а на нивно место ќе се постават бехатон-плочки. Планирано е и хортикултурно уредување на целата површина што подразбира засадување садници, цвеќиња, поставување урбана опрема, како и уредување на дел до просторот наменет за паркирање – информираат од Општина Делчево.

Претходно на оваа локација беа санирани и оштетените скали, кои го поврзуваат тој дел со главната улица Маршал Тито.