Во дворот на Јени џамија, каде што се пронајдени темели од поранешна
црква во рамките на археолошките истражувања, денеска е пронајден и гроб за кој се претпоставува дека содржи човечки останки, според археолозите кои работат на овој локалитет. Тие не сакаа повеќе да зборуваат, а ни забранија и да фотографираме.

Инаку, на овој локалитет во дворот на Јени џамија се пронајдени темели од поранешни цркви, кои беа пронајдени во рамките на археолошките истражувања што подолго време се вршат во и околу џамијата.

Неодамна Општина Битола обезбеди средства за да се заштитат најновите археолошки наоди, во кои има и остатоци од црква, во дворот на Јени џамија во Битола.

Откако ќе заврши комплетно реставрацијата и конзервацијата на наодите во дворот, тој дел ќе биде застаклен како што е случај во внатрешноста на џамијата каде можат да се видат темели од поранешни цркви кои беа пронајдени во рамки на археолошките испитувања.

Во дворот на Јени џамија неколку години се прават археолошки истражувања, со цел да се дефинира опфатот на црквите, чии темели беа откриени уште при истражувањата во тремот на џамијата, односно во молитвениот дел. Остатоци од сакрален објект беа откриени во дворот од десната страна на џамијата, а сега и во предниот дел. Со ова се проширува површината на која пред многу векови имало христијански храм во строгиот центар на Битола, каде што денес се наоѓаат Јени џамија и делови од Градски парк.

При последните археолошки истражувања откриени се делови од западниот ѕид на црквата, северниот ѕид на тремот на црквата, како и два придружни ѕида од различни архитектонски фази. Покрај овие елементи, откриени се и три гроба со движни добра, масивна мермерна база со отвори за оловни стеги и друго. М.М.