ПРИЛЕП

Во прилепското основно музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ се реализира проект за музичка библиотека. Досега се собрани околу 100 книги од повеќе музички стилови. Несебичен придонес за создавањето на новата училишна библиотека, за која отстапиле дел од своите книги, дале доајените на пијанизмот во Македонија проф. м-р Снежана Атанасова Чадиковска и проф. м-р Евушка Елезовиќ, давајќи им на тој начин поттик на професорите, но и на учениците, да придонесат за нова музичка литература, со која ќе се прошири репертоарот од областа на пијанизмот.
И Сојузот на композитори на Македонија и Марко Колевски се вклучиле во акцијата за опремување на музичката библиотека, донирајќи значајна музичка литература. Од музичкото училиште апелираат секој добронамерник да се вклучи во акцијата за обезбедување музичка литература и збогатување на библиотеката. Книгите, или нотните записи, ќе му бидат на располагање и на секој што ќе има потреба.
Инаку, дел од колективот на музичкото училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ од Прилеп, направи одлична преработка на песната „Don’t worry be happy“ од легендарниот Боб Марли. Преработката е одлично прифатена од публиката, која постојано ја споделува преку социјалните мрежи.

Од училиштето велат дека музиката може да го именува неименуваното и да комуницира со непознатото, како што рекол Л. Бернштајн.
– Водејќи се од мислата кон музиката, но истовремено и од новите норми на живеење, приспособување кон нештата што се во полза на сите нас, како колектив што секогаш неуморно и несебично чекорел кон нови предизвици и достигнувања, по одржаните претходни онлајн концерти на своевиден начин третпат успеваме да дадеме вистинска вредност и суштина што произлегува од сите нас. Некои од нашите млади музичари предводени од својата желба и талент допираат постојано со својата музика до сите нас. На самиот крај, тие се поддржани со музиката од своите наставници, кои сакаат да им дадат личен пример и патоказ кон сцената – вели Славица Конеска Темелкоска, директорка на ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“.