фото Зоран Антоски

Проектот „Факти за градовите“ кој опфаќа пет градови во Македонија, Скопје, Битола, Охрид, Струга и Кичево, денес ја започна својата имплементација. За почеток проектот „Факти за градот Кичево“, започна во еден локал во средиштето на градот и наскоро ќе почне да се шири и во други угостителски објекти.

– Во рамките на оваа кампања вклучен е и нашиот град, со што започна имплементацијата на проектот „Факти за град Кичево“. Проектот се спроведува на тој начин што на секој гостин што порачал кафе, покрај шеќер му се нудат и по неколку мали хартиени ролнички, во кои се запишани многу факти за градот, кои досега поголемиот број на граѓани и не ги знаеле, како на пример кога е изграден првиот хотел, првата градска улица и многу други непознати работи. Иако на почеток гостите не беа запознати со оваа новина, сепак кај повеќето од нив се пробуди желбата да научат повеќе непознати факти за својот град. Овие прилози се напишани на три јазици и тоа на македонски, албански и англиски јазик, а мрежата од овие прилози ќе се прошири и низ целиот град – рекоа вработените од првиот локал во Кичево, каде започна имплементацијата на проектот.