Фото: Зоран Антоски

Проблемот со кучињата скитници во Кичево се повеќе се усложнува, причина е нивната бројност во градот која од ден на ден се зголемува поради транспортот на нови кучиња донесени од други општини. Жители од периферните делови на градот и лично се сведоци на дотурот на овие глутници, кои со камиони се транспортираат претежно од прилепскиот и гостиварскиот регион.

-Ако досега само слушав дека во нашиот град се носат кучиња скитници од други региони, сега и самиот бев сведок како од еден камион, чинам со прилепски регистерски ознаки, во непосредна близина на нашата населба истовари повеќе возрасни кучиња, според моја проценка се работеше за бројка од најмалку 20 кучиња, кои истрчаа од камионот и брзо се споија со локалните глутници присутни во овој дел од градот, додека камионот се врати назад по успешно завршената работа – вели Петар, жител на населба од јужниот дел од градот.

Идентична приказна ни раскажа и една жена, очевидец на транспорт на кучиња скитници во градот.

-Од дома излегов нешто порано и навистина имаше што да видам кога во моја непосредна близина се паркира камион прекриен со церада. Возачот излезе од камионот и ја отвори задната страна од каде истрчаа 15-тина големи кучиња, по што камионот го напушти местото. Порано се прашував и самата од каде толку кучиња скитници во нашиот град, сега добив практичен одговор од каде навистина доаѓаат овие глутници кои во ништо не наликуваат на уличните кучуња бидејќи се многу крупни и возрасни и повеќе наликуваат на овчарски кучиња набркани од некои стада со овци – вели повозрасната жителката на Кичево.

Фото: Зоран Антоски

Од општината истакнуваат дека ги замолуваат граѓаните ако забележат дека во некој дел од градот се пуштаат кучиња од камиони, да ја запишат регистерската ознака на возилото и да се обратат до општината.

-За жал во повеќе наврати слушаме како наши сограѓани забележале камиони од други градови со кои се транспортираат кучиња скитници, но до ден денес никој не потврди со кои регистерски ознаки е дотичниот камион. Ако во блиска иднина им се случи средба со ваков транспорт на кучиња, ги замолуваме да ја запишат регистерската ознака и да се обратат до нашата општина, за потоа ние да преземеме соодветни мерки – велат од општината.

Инаку општината две години спроведува акција за хуман третман за кучињата скитници, но се чини  ивното континуирано зголемување во градот ја отежнува оваа акција.

З.А.