Фото: Зоран Антоски

Денес во работна посета на кичевските здраствени установи беше државниот секретар за здравство Владимир Милошев. Тој во подолгиот разговор со раководството на Општата болница во Кичево и Здравствениот дом, се запозна со проблемите со кои се соочуваат во тековното работење и плановите за идниот развој, како и подобрување на условите за работа во оваа здравствена установа.

Најважната информација од денешната посета на Милошев, беше веста дека од април-мај месец ќе продолжи доизградбата на кичевската општа болница која започна да се гради во далечната 1989 година, а во 2014 година продолжи нејзината изградба и која до ден денес не е финализирана.

-При денешната посета ќе се сретнам со раководството на Општата болница Кичево и на Здравствениот дом Кичево, а целта на разговорите ќе биде тековното работење, проблемите со кои се соочуваат и секако помош од Министерството за здравство за решавање на истите. Би сакал да најавам дека Министерството за здравство е во завршна фаза на објавување на јавната постапка за отпочнување на втората фаза на новата општа болница во Кичево. Некаде во месеците април-мај планираме да продолжи втората фаза од изградбата на новата општа болница во Кичево, која очекуваме да заврши во рок од две до две ипол години, со што граѓаните ќе добијат нов современ здравствен објект за лекување, а се работи за вредност на овој зафат од околу 5 милиони евра – најави Милошев.

Директорката на Општата болница во Кичево Биљана Настеска го запозна државниот секретар со состојбите во болницата и со она што е изградено во претходниот период за да се подобрат условите, како за вработените така и за пациентите, како и со проблемите со кои се соочуваат.

-Му благодариме на државниот секретар за денешната посета и со заедничка помош на Министерството за здравство да ги решиме тековните проблеми и да ги подобриме условите за вработените и за пациентите, и она најважното се надевам дека конечно ќе биде завршена старата-нова болница, со што ќе добиеме објект со сите услови неопходни за еден современ здравствен капацитет – подвлече директората Настеска.