Близината на градот и не решавањето на постоечките проблеми, предизвика дивите сечачи во северната регија од кичевската општината, да не бираат место ниту старост на дрвата, туку сечат се што ќе им се најде во близина.

-При секоја обиколка на сопствените ѕадли со шума, забележуваме се повеќе и повеќе пресечени дабови стебла од различна старост и дебелина. Повеќе пати сме побарале помош од полицијата, од каде во неколку наврати е интервенирано, на дивите сечачи им се одземени затекнатите дрва и моторни пили и откако сечачите ќе бидат ослободени, тие повторно се враќаат во шумата и продолжуваат со истата работа. Дури во неколку наврати се случуваше да бидат и поагресивни и да бидат упатувани закани кон нас од нивна страна, иако се свесни дека тоа не е нивни имот и немаат право во туѓа шума бесправно да сечат -се пожалија жители од ова село Осломеј, кои посочуваат дека ако продолжи овој тренд, за помалку од две децении нивната шума ќе се претвори во голи ридови и при сопствени дрва да останат и без дрва.

Дел од селаните во регионот, притиснати од овие проблеми продаваат поголеми површини под даб, од страв од истите шуми утре ништо да не остане. Според сознанија на полицијата, дивите сечачи во најголем дел доаѓаат од градот.

-Секогаш кога ќе дојдев во нашата шума забележував дека ја има се помалку и помалку и одлучив барем тоа што е останато од дрвна маса да го продадам за утре да не остане ништо, барем вака нешто ќе наплатам – додава Блаже, жител на селата од овој регион.

Од шуската полиција се наполно свесни за овој проблем, но не се во можност 24 часа да останат во шумата, бидејќи дивите сечачи не бираат време за да сечат дрва на диво.

З.А.