Езерото Козјак станува пустински предел

Зимата речиси без снег и малобројните врнежи од дожд во последните дванаесетина месеци речиси целосно ги пресушија водотеците во кичевско-бродскиот регион. Тоа е најзабележливо на најголемата река Треска, чиј водостој е за неколкупати под нивото од претходните деценија-две. Тоа најмногу се одрази врз количеството вода во езерото Козјак, чие ниво никогаш не било пониско. Ако продолжи неповолната хидролошка состојба, тоа ќе се спушти на историски најниско ниво

Низ годините имавме можност секојдневно да го набљудуваме најголемото и најдлабоко вештачко езеро во земјава и да уживаме во синилото на езерските води, но, за жал, и тоа останува без вода. Последнава година неповолната хидролошка состојба без врнежи од снег и без пообилни врнежи од дожд придонесе од месец на месец нивото драстично да опаѓа и да се спушти на најниската кота од неговото формирање пред 16 години.
– Сегашната глетка е многу тажна и, наместо езеро, гледаме пустински предел на површините од каде што се повлечени езерските води. Езерото е повлечено до таа мера што над површината излезе и една куќа што беше невидлива по полнењето на оваа акумулација и никој не можеше да претпостави дека е можно повторно да се појави овој објект, како и дел од пресечените стебла што беа потопени при полнењето на езерото – истакнуваат жителите од крајезерските села, пред чии очи тивко умира најголемото вештачко езеро во земјава.

Риболовците од регионот се разочарани од глетката што им се покажува пред очи, од влошената состојба и количеството риба во самата акумулација.

– Кога пред 16 години беше наполнета вештачката акумулација, не можевме да се изнарадуваме и си рековме дека конечно во нашата близина се создаде рибарски рај, а тоа беше така до пред година-две. Поради сѐ поретките снежни врнежи и врнежите од дожд, реката Треска остана со недоволни количества вода за потребите на езерото. Поради тоа почна опаѓање на езерското ниво и негово секојдневно повлекување кон браната. Овие сигнали беа разочарувачки факт за нас рибарите од регионов и од главниот град, кои бевме редовни гости на овој локалитет. Езерото изобилуваше со доста риба, имаше десетина вида, а можеа да се уловат и крупни примероци. Но како природата да се потруди да ги промени состојбите, а самата акумулација да ја претвори во мини-езеро – велат рибарите од регионот.

Оваа катаклизмична состојба, секако, ќе ги одврати од намерата дури и оние што планираа да го развиваат туризмот во овој крај, ќе ги натера да ја одложат или целосно да ја запрат изградбата на хотелските капацитети во близината на езерската акумулација, иако имаа намера да инвестираат тука. Само како пример, најсериозна беше една компанија од Холандија, која имаше намера тука да изгради хотел од павилјонски тип. Нивната идеја беше во дел од годината да престојуваат богати пензионери од Запад, но како што се намалуваат езерските води, така бледнеат шансите како за овој така и за многу други проекти од областа на туризмот.