Градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески и рускиот амбасадор во нашата земја, Сергеј Баздникин денеска остварија средба, на која стана збор за унапредување на соработката меѓу Општина Прилеп и на Руската Федерација. При тоа градоначалникот Јовчески посочи дека добрата соработка со Руската Федерација ќе се продлабочува.

– Сработката меѓу Општина Прилеп и Амбасадата на Руската Федерација ќе се интензивира преку размена на позитивни искуства и добри практики во повеќе сфери на општествениот живот. Го запознав амбасадорот со мојата програма за развој на Прилеп и разговаравме за збратимување на Општина Прилеп со Одинцово, град од Московската област. Тоа беше и еден од проектите кои од 2017 година тежнееме да го реализираме благодарение и на Руско – македонското друштво од Прилеп – рече градоначалникот Јовчески.

Амбасадорот Сергеј Баздникин се заблагодари за средбата и потврди дека односите на двете земји се на високо ниво и дека постојат отворени можности за соработка во областа на културата, туризмот и економијата.

– Ние сме потполно отворени за соработка во сите области кои се од интерес за граѓаните на Општина Прилеп. Убеден сум дека тоа ќе биде голем придонес за подобрување на животите на граѓаните – изјави рускиот амбасадор Баздникин. Ка.М.